Василичарски карневал во Куратица

Со дефиле на маски од цела држава преку веселба, хумор и сатира вечерва ќе кулминира и курајчкиот Василичарски карневал кој традиционално по 22-ри пат на Василица го организираат жителите на селото Куратица.

Организаторите велат дека маските се чуваат до последен момент, но она што најавуваат е врвен театар и смеа под отворено небо, спој меѓу традицијата обичаите и актуелните случувања. Вечерва откако сите маски ќе се претстават, комисијата ќе ги избере најдобрите три.

Гоце Балоски е учесник во карневалот уште од мал, секоја година подготвува различна маска и смета дека карневалот од година во година е се поафирмиран и попосетен. Она што вели радува е што покрај се карневалот го задржува главниот елемент во тематиката или ги сочувува традицијата, обичаите и автентичноста на прославата за Василица.

Вечерашното дефиле започнува околу 20 часот, за гостите е подготвена богата музичка програма и огномет. За курајчкиот карневал се вели дека е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.

 

 

(Credits: https://www.24.mk/details/defile-na-maski-vecherva-vo-kuratica / Адријана Митевска)